речник контакт

Сушата го пеплоса тутунот во велешко

Годинава во велешко нема заврнато дожд од 5-ти јули

Петар Печков

  Најавите за добра откупна цена и сигурен откуп не ги развеселија велешките тутунари. Годинава тие ја почувствуваа снагата на природата, па сушата им го преполови родот, што одамна се нема случено. Бербата е при крај а добри вести од полињата нема. Дожд нема паднато од 5-ти јули.

 Високите температури го пеплосаат тутунот. Бадијата работевме толку време, толку труд и пари вложивме а резултатот е никаков. Ако по поделам на три купчиња, само едното нешто вреди другите две можат да ги фрлам. Ете толку од годинашнава реколта  - вели Али Зејнелов жител на селото Сливник. 

Слична е состојбата и во соседното Бузалково. Во овие две села, каде живее албанско население сите куќи одгледуваат тутун и тој им е единствена егзистенција. Но годинава природата им го заврти грбот, па сушата  го преполови родот. Слична е состојбата и во Чашка и околните села, исто така голем  земјоделски центар за одгледување на тутун.

 Листот е лесен, нема тежина, што оти сме набрале кога нема да има ни петстотини кила. Целото семејство работевме а нема ни парите да ги вратиме што ги вложивме. Два месеци капка нема паднато. Не можеме да очекуваме чудо. Вака не помнам дека било последните 25 години – вели земјоделец од селото Еловец, општина Чашка. На другиот крај од велешко, во околината на езерото Младост, и покрај водата, тутунот остана жеден.

 Земјата испука од  сушата. Нема водоводен систем иако езерото е блиску до нас. Ако до лани берев по еден тон, годинава едвај ќе соберам тристотини килограми тутун. Лошо, многу лош е – вели Звонко Ивановски земјоделец од селото Сујаклари, кои заедно со соседите од Иванковци, Кумарино и Мамутчево каде тутунот, заедно со пченицата е  основа за живеење на бројните фамилии.

Годинава во велешко тутунот беше засаден на 900 хектари и се очекуваше дека ќе има род од 1,2 илјади тони. Но пресметките на стручњаците се  дека ќе има помалку род за 400 тони. Малку од тутунот што е покрај Тополка и Бабуна е спасен, но затоа поголемиот дел од површините е далеку од реките, но и од можноста сопствениците да склучат договор со Хидро - системот ,,Лисиче,, за да користат вода од него за поливање.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »