речник контакт

Сушата и горештините го испразнија велешкиот пазар

Летово Градскиот пазар е како ретко кога празен без поголема понуда и со краток рок на траење. Започнува во 7 а веќе во 11 часот тезгите се празни,

Петар Печков

 Невообичаена слика на велешкиот пазар. Летово тој е како ретко кога празен без поголема понуда и со краток рок на траење. Започнува во 7 а веќе во 11 часот  тезгите се празни, продавачите немаат што да понудат а купувачите да купат, иако и едните и другите скоро и ги нема. Вруќината, високите температури и сушата  придонесоа, пазарот како ретко кога да биде сиромашен и скромен, но и покрај се евтин.

На овие жештини не се работи. Како да береш, како да полеваш кога не се дише а не да се работи. Стануваме во четири саатот за да сработиме нешто уште со изгрејсонце. Може да се работи преку сила до 10 или 11,  после тоа е невозможно. Приквечер е исто така пекол не се влегува во земјата. И што попрво да сработиме за овие неколку часа, дали да береш, дали да копаш или нешто друго  што е потребно – велат велешките земјоделци.

Но и покрај малата понуда, цените се ниски, пиперките 20 до 30, доматите до 40, краставиците 20 денари, парче тикве за  5 денари, црн патлиџан по 10 денар. Годинава иако во екот на сезоната, ги нема праските. Поради извоз, на велешкиот пазар ги има на само две тезги, се продаваат по цена од 30 и 40 денари за килограм и бргу се распродаваат. Според статистиката велешкиот пазар е најевтин во Македонија. Тоа го признаваат и сограѓаните, иако нивниот стандард е низок, поради големата невработеност. На толку вложен труд од градинарите, велешани дома можат да си заминат со полна торба за само 200 денари.

Истите се цените од лани и преклани. Стојат тука иако другите работи во земјава отидоа до небо. Годинава е полошо. Имавме долга зима, на пазар излеговме во мај, цел март и април беше студено. И сега во овој краток период  од  јуни и јули, имаме и намалено производство и цени кои се на претходните години. Како ни е само ние си знаеме. Сушата го стори своето, го намали производството, жештините го скратија времето за работа и за продавање, така што годинава е многу лоша - велат велешките ,,зарзавтчии,, како што ги именуваат нивните сограѓани.

Сите тие имаат површини во месноста Речани или во населбите Челошово, Дурутовец, Отовица. Но иако реката Вардар е блиску, исто и како езерото Младост, нема систем за наводнување. Земјоделците чекаат да се реализира најавата за изградба на таков систем од езерото Лисиче, кој според најавите треба да го полни езерото Младост но и   да служи за наводнување за околу  1,4 илјади хектари земја.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »