речник контакт

Тебе ти ги посветувам сите мои часови!

Љубовните писма на големите писатели

Петар Печков

Многумина  од најголемите светски писатели, особено оние од 19-от и почетокот на 20-от век, во своите авторски опуси задолжително имаат барем по една книга љубовни писма. Според датите што задолжително ги ставале на крајот од секое писмо, може да се заклучи дека некои  писатели вакви писма до своите љубени испраќале не само секој ден, туку често дури и по двапати во денот. Големиот  Гете, кој во тоа време живеел во Вајмар, на 28 август 1782 година се пробудил уште во мугрите и веднаш седнал да и' напише писмо на својата сакана Шарлота фон Штајн: „Добро утро, пишува тој, сакана моја. Зошто си ми токму сега отсутна, па не можам да примам благослов од твоите усни?“ Во тој стил ќе продолжи и на следните неколку страници. На 17 септември, пак, значи дваесеттина дена подоцна, што не значи дека во меѓувреме не и напишал уште писма, Јохан Волфганг Гете на својата Шарлота со крупни букви и признава: „Тебе ти се посветени сите мои часови“. Се разбира, продолжува да и пишува и следните денови, и следните години, работејќи истовремено и на „Фауст“.  Пред да „пукне“ пролетта, на 15 март  1785 година,  Гете ќе признае дека за него постојат само две божества: Шарлота и сонот. Сонот само затоа што и кога спие таа е крај него. Веднаш потоа ќе додаде: „Одвај чекам да зборувам со тебе; се насобраа многу работи. Некои можат да се објаснат само со допир“.

За разлика од Гете, кој на Шарлота и пишувал често, па затоа писмата се релативно кратки, лордот Бајрон пишувал долги, најчесто лирски, но и епски писма. Негова муза била контесата Тереза Гвичоли. На 25 април 1819 година, кога Бајрон  имал 31 година, Тереза ќе го добие неговото писмо во кое ќе и признае многу интимни работи, меѓу другото и тоа дека во животот многу „пропатил од тиранијата на љубовта“. Еве што и пишува Бајрон на својата Тереза пред 185 години: „Љубов моја, каде си? Овде се ме потсетува на тебе; се е исто, само што ти не си до мене. При разделбите, оној што заминува пати помалку од оној што останува. Немам друго задоволство, освен да мислам на тебе, но сам никако не можам да ги вратам во споменот оние места каде што бевме заедно. Особено оние кои се толку многу врзани со нашата љубов. Останува да се надевам и да не умрам од тага. Овде сакам да ти признаам дека пред да те сретнам тебе, неколку години упорно се обидував да ги избегнам силните чувства, зашто премногу пропатив од тиранијата на љубовта. Искрено, љубов моја, немав намера веќе никого да сакам, ниту се надевав дека мене некој ќе ме засака. Ти ги одвеа сите мои одлуки. Сега сум сосема твој и ќе бидам таков каков што ме сакаш ти. Можеби, љубов моја, можеби не требаше да го пробудиш моето срце, зашто мојата љубов беше погубна за сите што ги сакав и за мене самиот. Но, сакана моја Тереза, веќе е предоцна; беше моја, јас сум твој, и вечно ќе бидам само твој. Те бакнувам илјада пати, каде и да си!“ Само пет години по ова писмо, Бајрон умира. Се разбира, не поради „тиранијата на љубовта“.

Постојано го сонувам твојот глас

Неговиот сонародник Чарл Дикенс имал само 12 години кога Бајрон умрел, но инспириран од својот претходник и тој пишувал љубовни писма со многу емоции. Имал 20 години кога се вљубил во Марија Биндел, а само една година подоцна ќе и го напише последното писмо. На 13 март 1833 година Дикенс и пишува дека одлучил да и врати се што му подарила: „Желбата да бидете среќни, иако доаѓа од мене, не мора да биде помалку вредна, зашто е искрена и од срце. Верувајте ми дека никогаш ништо нема да ми пружи поголема радост од веста дека Вие, мојата прва и последна љубов, сте среќни. Ако бидете среќни толку колку што се надевам дека ќе бидете, тогаш ваше е целото блаженство на овој свет“.

Со писмото, во мало, убаво спакувано пакетче, и ги враќа сите подароци што му ги дала. Се разбира, Марија не била неговата последна љубов. Живеел тој по ова писмо уште 37 години, а не бил во манастир. Во тоа време, но преку Ла Манш, во Франција, живеел и љубел уште еден голем присател. Станува збор за Густав Флобер. Авторот на „Мадам Бовари“ е роден 1821 година; тој е еден од најдобрите стилисти, мајстор на реалистичкиот детаљ и психолошката анализа. Со своите романи извршил големо влијание на книжевноста во 19-от и во 20. век. Мајсторот за детали во прозата, таков е и во своите писма испратени до неговата љубов Лујза Коле. Тој е еден од големите светски писатели, чии љубовни писма често се подолги од цело едно проглавје на роман. Ноќта меѓу саботата и неделата, на 9 август 1846 година, Флобер и напишал на Лујза писмо подолго од десет страници.

Во тоа свое писмо, додека свеќата треперела, а месечината висела од гранката на јаворот во дворот, Густав напишал: „Ќе дојдам повторно, и тоа скоро, зашто мислам на тебе постојано. Постојано го сонувам твоето лице, твоите рамена, твојот бел врат, твојата насмевка, твојот страстен глас. Да си овде, би те гризел. Ми се јави желба за тоа, иако жените се шегуваат со мене, за мојата незаинтересираност, милосрдно говорејќи дека тие, кога би можеле, би ме искористиле, зашто јас не умеам да ги искористам. Меѓутоа, еве, ноќва чувствувам сила на дива ѕверка; љубов која каса со заби, иако не знам дали тоа значи дека сакаш, дека љубиш. Ќе гледам да дојдам некоја вечер околу шест. Ќе имаме тогаш цела ноќ и едно утро. Убаво ќе си поминеме. Јас ќе бидам твоја желба; ти ќе бидаш моја желба, ќе немаме друга желба, па ќе видиме дали ќе се задоволиме. Ах, Лујза, како ти беше убава главата, онака бледа и треперлива под моите бакнежи! Довидување, и не плаши се, те бакнувам таму каде што посакуваш. Се тркалам по тебе...“

Руска љубов

За разлика од Флобер, но и од другите сега таканаречени западноевропски писатели, руските писатели во своите љубовни писма обично се задржуваат на поезија или на пејзаж, а ретко на „конфигурацијата на женското тело“. На пример, во јуни 1880 година, значи токму во годината кога умрел Флобер, веќе прилично возрасниот Иван Сергеевич Тургењев и пишува чудно писмо на многу помладата Марија Гавриловна Савина...

„Мила Марија Гавриловна, цел живот е пред вас, а мојот е веќе зад мене. Дали се вљубив во вас, не знам; порано тоа кај мене беше поразлично. Нашата средба во вагонот, мигот кога се почувствував како дваесет годишно момче, беше последното пламенче во кандилото што се гаси. Не би Ви го пишувал ова писмо, мила Марија Гавриловна, ако не почувствував дека е проштално. Вратата што малку се подотвори; вратата зад која се наѕираше нешто таинствено, се затвори засекогаш. Мила Марија Гавриловна, не морате да ми одговорите на ова писмо... И, Ве молам, не возбудувајте се. Вакво писмо веќе нема да добиете“.

Младата убавица се обидела да ја продолжи преписката, но Иван Сергеевич веќе немал ниту сили, ниту време за тоа. Умрел во 1883 година, три години подоцна. И, вратата „се затворила засекогаш“.

И францускиот поет Пол Елијар бил вљубен во убавица како Марија Гавриловна. Неговата љубена се викала Хелена Дмитриевна Џаконова, но тој секогаш и се обраќал со Гала. Меѓу многубројните писма е и она од 29 мај 1927 година. Ве него тој, меѓу другото, и пишува: „Моја убавице, моја обожувана, тешко го поднесувам  твоето отсуство. Се е празно; ми останува само да ја бакнувам твојата облека. Твоето тело, твоите очи, твојата уста, целото твое присуство ми недостига. Ти си единствена; те сакам од овде до вечноста. Кога ќе се вратиш, сакам убаво да те украсам. Дај ми мерка за пижами! И враќај се брзо. Без тебе јас сум ништо. Сите други желби, ги остварувам во соништата; копнежот по тебе - само во стварноста“.

Не се знае дали Пол Елијар и купил пижами на својата Гала, но писма продолжил да и пишува. Пишувал, пишувал и, така, со писмата, дошол и август 1932 година, кога му се измешале соништата: „Ноќеска непрекинато те сонував. Малечка моја Гала, не очајувај за ништо во животот, јас ќе направам се за да бидеш среќна, зашто ништо не се промени во љубовта кон тебе. Со тебе, и покрај се, ќе делам се убаво што ќе ми се случи. Ти остануваш моја жена за вечни врмиња...“

Ете така пишувале тогаш писателите. Пишувале и генијални романи и незаборавни песни, но пишувале и писма до своите музи. Велат дека тогаш пателе поради „тиранијата на љубовта“, како што сега, можеби, нивните современи колеги патат од „тиранијата на омразата“. Или можеби и омразата, сепак, е некаква љубов!? Силно чувство, несомнено – да.

текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »