речник контакт

Том и Џери - цензурирани

Цензурата следи по речиси 65 години од појавувањето на првиот филм за двајцата јунаци на цртаната серија.

Аница Солева

Британската комисија што ја надгледува работата на електронските медиуми („Офком“) забрани прикажување на цртаните филмови со популарниот мачор Том и неговиот другар глувчето Џери. Цензурата следи по речиси 65 години од појавувањето на првиот филм за двајцата јунаци на цртаната серија, што во годините по Втората светска војна ја смислија и ја направија американските аниматори Хана и Барбера.

Контролорите на „Офком“, наредиле од сите филмови да се избришат секвенците на кои се гледа како главните јунаци Том и Џери држат цигари или пушат. Налогот за цензурирање на овие кадри ќе наложи бришење и чистење на дури 162 епизоди од серијата. Ваквата одлука е донесена откако „Офком“ бил преплавен со протести на загрижени родители по повторното емитување на една серија од цртаните филмови на еден сателитски канал што не е исклучиво во британско владение.

Гневот на родителите, според контролната комисија, го предизвикале два филма во кои мачорот Том еднаш витка цигара, умилкувајќи и\' се на една мачка, а потоа во друг пуши пура додека игра тенис. Филмовите се направени во Холивуд во 1949 и 1950 година. „Офком“ инсистира ТВ-станиците да се придржуваат на усвоениот кодекс според кој пушењето треба да се елиминира од програмите наменети за деца.

Весникот „Дејли телеграф“ ја исмејува ваквата застарена и несоодветна одлука затоа што филмовите се правени во едно друго време и во поинакви стандарди на живеење, приговарајќи им на цензорите што не им пречи тоа што младите гледачи може да гледаат како Том и Џери се бркаат до исцрпување, се тепаат, се удираат со чекани и се сечат со пили и секири. Ваков вид цензура, пак, поради сцените со пушење, ќе биде направена и на цртаните серии „Скуби Ду“ и „Флинтонови“.

Извор: Дневник

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »