речник контакт

Тоше Проески постхумно одликуван со Орден за заслуги за Македонија

Орденот е признание за неговите овоземни заслуги, но и израз на нашата љубов и почит кон човекот кој не сакаше сите.

Петар Печков

Поради искрениот и длабок хуманизам, уметничките дострели и обединувалчката енергија, претседателот Ѓорге Иванов денеска постхумно му додели Орден за заслуги за Македонија на Тоше Проески. Орденот на свеченост во претседателската резиденција го прими внукот на Тоше, Кристијан Ристески.

Орденот е признание за неговите овоземни заслуги, но и израз на нашата љубов и почит кон човекот кој не сакаше сите. Со овој чин, Македонија свечено се обврзува да продолжи да го негува сеќавањето за својот голем син, да ја негува неговата уметност и хуманост со која не збогати- рече Иванов.

Претседателот истакна дека доделувањето на Орденот е симболичен и најскромен, додека посветеноста кон негувањето на добрата мисла, намера и дело, е вистинскиот дар кој можеме да му го дадеме на Тоше.

Тоше ја афирмираше Република Македонија и покажа дека таа е храбра и достојна, дека треба да веруваме во неа, да ја сакаме, чуваме и промовираме со достоинство. Со своите несебични заложби Тоше Проески уште еднаш не направи горди на своето минато и решителни за својата иднина- рече Иванов.

Тој потсети дека Тоше ширел љубов и разбирање преку музиката и оти покрај на македонски јазик, пеел и на влашки, англиски, српски, хрватски, италијански јазик...

На доделувањето на Орденот за заслуги за Македонија на Тоше Проески, присуствуваа поранешниот претседател Киро Глигоров, вицепремиерот задолжен за европски прашања Васко Наумовски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Велимир Стојковски, градоначалникот на општина Крушево, членови на семејството на Проески и претставници од фондaцијаta „Тоше Проески“.

Во чест на Тоше утре на денот на неговиот 30 роденден, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе биде одржан голем концерт „Со љубов за Тоше“ на кој ќе настапат македонски и балкански музички ѕвезди. Во пресрет на концертот беше промовиран спотот за песната „Наслони главу на моје раме“, од авторите Нино Нинчевиќ и Миро Буљан. Песната пред 30 години била изведена од „Тути фрути“, а Тоше ја снимил во 2007 година. Спотот е снимен во Хрватска, со најсовремена техника за анимација, а со спонзорство на „ЕВН Македонија“.

Министерката за култура Канческа-Милевска денеска ќе им додели 75 бесплатни билети на децата од Домот за деца без родители „11 Октомври“, Јавната установа за деца со социјално-воспитни проблеми и од СОС Детското село.

Концертот ќе се одржи под покровителство на Министерството за култура, а годинава се вклучува и Интернационалниот фан клуб на Тоше Проески.

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »