речник контакт

Тргнуваат на училиште со изгрејсонце а се враќаат на зајдисонце

Малкумина деца можат да се пофалат дека го виделе изгревањето на сонцето, моментот кога се раѓа денот. За тројцата браќа Попови, Александар, Спасе и Никола од велешкото село С`лп тоа е секојдневие, бидејќи мораат да станат рано наутро, за да дојдат навреме на училиште.

Петар Печков

 Малкумина деца можат да се пофалат дека го виделе изгревањето на сонцето, моментот кога се раѓа денот. За тројцата браќа Попови, Александар, Спасе и Никола од велешкото село С`лп тоа е секојдневие, бидејќи мораат да станат рано наутро, за да дојдат навреме на училиште.

Нивниот ден започнува во 5 часот по што мораат 45 минути да пешачат за да стигнат до железничката станица Рајко Жинзифов и го фатат возот во чест часот за Велес.  По време и невреме, по студ, снег и ветар, тие пеш одат пет километри, по земјен,  често каллив пат. Тоа е нивната секојдневица различна од другите деца.

Патуваат со мене, кога одам на јас работа, тие што се  на училиште прва смена. Кога им завршува наставата после 12 часот, два часа седат во чекалницата од железничка станица каде нема греење, ладно како и надвор. Попладне кога се втора смена на училиште, доаѓаат со возот во 10 а дома се после 8 навечер. Со мислите сме стално со нив. Слушаме кога завиваат волци и стравуваме за нивните животи. Децата и не знаат дека се волци, кога прашуваат им кажуваме дека се кучиња од викендиците кај железничката -  раскажува Ванчо Попов  татко на трите деца кои секојдневно патуваат од родното село С`лп до Велес и обратно за да се школуваат.

Тој работи во велешка Колска и со неговата плата не врзува  почеток и крај од месецот,  но колку има одвојува за децата. Никола е најстариот со 12 години и учи петто одделение,  Александар 10 е петто од деветолетка и Спасе има 8 години и е трето одделение. Од есен нив ќе им се придружи и најмалиот брат Филип, кој со шест години се подготвува за прваче. Школувањето  за трите деца за шесточленото семејството Попови е економски тешко издржливо, поради што од годинава  не се пријавиле да добиваат ужина.

Таткото вели ,,кога имам пари им давам по 20 денари да купат кифла, кога немам, нема пари за жал. Знаат и гладни да бидат на школо,,. Од декември училиштето Васил Главинов, каде тие учат решило да им го плаќа превозот, месечниот билет до железничката станица Рајко и назад.  Патувањето во возот, за уморните детски души, желни за сон, неколку наврати придонело да ги преспијат  станиците, до каде патуваат.

На Александар му се случи да се успие, наместо во Велес тој има патувано до Градско или наместо во Рајко да се разбуди во Зелениково. Но благодарејќи на железничарите, кои не познаваат, го вратија назад. Овие непредвидени патешествија го расплакаа, но сонот и дремката го совладале. Страшно е зимно време кога навечер си одиме  од железничка до дома во село, со фенерчиња светиме и цврсто се стискаме за раце, така се храбриме – вели Никола Попов, најстариот ученик, кој се грижи за браќата додека тие се на училиште и во Велес.

Вели дека има добри луѓе кои кога е студено ги пуштаат во канцелариите на железничката станица во Велес, два часа да го чекаат возот, во спротивно стуткани во излитените зимски јакни мрзнат во чекалницата. Овие четири деца се единствените во селото и тие си играат сами меѓу себе. Преку лето била друга песна, тогаш С`лп бил полн до деца и имале друштво.

Додека Никола ја раскажуваше нивната животна приказна, беше во голема детска дилема, дали на  часот од физичко тој ден да игра валцер и добие добра оценка или да одбие бидејќи му било срам да одигра со девојчиња. И покрај сите проблеми со образувањето на децата,  таткото Ванчо оптимистички најавува дека од есен во школо ќе тргне и најмалиот Филип, па така децата ќе имаат друштво но и обврска повеќе.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »