речник контакт

Три пати повисок данок, отколку што платија за купеното земјиште

За да бидат сопственици на градежното земјиште што го купија пред неколку месеци, велешките бизнисмени треба да плата два до три пати повисока цена за данок на промет, отколку за купувањето на парцелите.

Петар Печков

  За да бидат сопственици на градежното земјиште што го купија пред неколку месеци,  велешките бизнисмени треба да плата два до три пати повисока цена за данок на промет, отколку  за купувањето на парцелите. Не мало изненадување ги чекало 25-те  новите сопственици од индустриските зони Речани и УЗУС 2, кога неодамна ја започнале процедурата да го запишат земјиштето  на нивно име, во имотниот лист.

Парцелите тие ги купија на јавно наддавање, повеќето за едно евро за квадрат,  за сега во дополнителните давачки за пренос на сопственоста на нивно име, тие  да плаќаат по 3 или четири евра од метар квадратен. За нив ова е несфатливо решение, за кое жестоко реагираат.

Ако платив 1,5 илјада евра за парцела од 780 метри квадратни, за данок на промет треба да платам три илјади евра. Да знаев дека вака стои работата, немаше да конкурирам и да учествувам во лицитацијата. Од една страна нудат земјиште по евтина цена а од друга стана, бараат висока вредност за данок. Не е во ред да не залажуваат и на овој начин да се прибираат средства – вели стопанственик кој купил земјиште во индустриската зона Речани.  

Тие за нив оваа нелогичност ја откриеле, откако требало да го префрлат купеното земјиште на нивно име. Големо било изненадувањето кое ги чекало на чековите за плаќање на данокот на промет. При есенската продажба на 25 плаца во две индустриски зони во Велес УЗУС и Речани 2, сите беа продадени откако се понудија по цена од едно евро за квадрат. И двете индустриски зони се инфраструктурно опремени, со струја, вода, пат. Од оваа продажба државата и општината инкасираа 16,2 милиони денари, од кои 80 отсто завршија во локалниот Буџет.

Претходно истите овие плацови на лицитација се продаваа во два наврати, со почетна цена од 700 денари за квадрат, но немаше интерес, па продажбата не се одржуваше. Сите средства што сега се плаќаат за Данок на промет влегуваат во општинскиот Буџет на Велес. Од Министерството за финансии објаснуваат дека давачката, за која реагираат купувачите, се плаќа според пазарна цена, законски регулирана.

Давачката која сега ја плаќаат новите сопственици за купеното градежно земјиште, за истото да стане нивна сопственост, е на основица која е пазарно утврдена.  Вредноста се определува според пропишана методологија, која е донесена лани на 24 март.  Цената на квадрат градежно земјиште  е една работа, друга е данокот на промет, кој го прибираат општините – велат од Министерството за финансии.

Така најскап данок на промет за градежно земјиште плаќаат жителите на населбата Злокуќани во Скопје и во Битола.  Од некои општини во земјава, согледувајќи ја нелогичноста, веќе реагирале дека основицата  и методологијата треба да се менуваат, во интерес на инвеститорите, бидејќи општинарите најчесто се судрувале со реакциите на сопствениците на градежното земјиште, кога започнувале постапката за префрлање на имотот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »