речник контакт

Триесетина автори од пет држави работат на колонијата ,,Папрадишки мајстори,,

Изработените дела ќе останат во сопственост на градот

Петар Печков

Триесетина ликовни уметници од пет држави, десет дена живеат во куќите на уметноста Касапови и Џинот во Велес, во рамките на сликарско- копаничарската колонија ,,Папрадишки мајстори,,. Тука е времено нивниот дом, место каде тие најдоа инспирација за творење. Сликари, копаничари, резбари од Русија, Бугарија, Србија, Црна Гора и Македонија го оживеаја просторот од најстарите велешки куќи, внесоа во нив живот а добија инспирација за нови дела.  Во куќата на Касапови се 14 сликари и двајца вајари, додека во куќата на Џинот се 12 копаничари. Меѓу учесниците е и Русинката Олга Даутова , која е и професор на московски универзитет и ликовен уметник. Таа не го крие воодушевувањето од престојот во  земјава и на колонијата.

  Величествена земја, вредна историја, дружељубиви луѓе, племенита убавина - вели Даутова која работи портрети и пејзажи и додава. Има многу добри автори на оваа колонија. Има преубав поглед, кој инспирира. На оваа колонија во Велес можеме да го шириме славјанството, бидејќи сите учесници се од словенски земји, што кај мене остави силен впечаток и  ми  е многу важно.

Таа е прв пат во Македонија а има учествувано на три други колонии во Србија. На една таква во Бијелина БиХ се запознава со  Јадранка Димитријевиќ  авторка од Сремска Митровица, и заедно доаѓаат во Велес.  Димитриевиќ вели дека многу сака да ги поврзува луѓето и дека тоа е голема и вистинска работа на денешнината.  Тие двете за колонијата дознале од Горан Ѓорев од Демир Капија, тој е еден од малкуте автори во Македонија кои резбаат во камен. Тој со оваа ретка уметност се бави  15 години,  започнал од средно уметничко училиште а го усовршил на ФЛУ во класата на Бранко Куновски.  Неговата работа е специфична,  дава душа на камен.

  За разлика од дрвото, работата на каменот  е по тешка,  треба и физичка издржливост. Но секој материјал има своја убавина. Јас се вљубив во мермерот и таа моја емоција ја пренесувам преку него - вели  Зорев кој твори слободни форми, апстрактна уметност, бидејќи човечки лик на камен е мошне тешко  да се изработи. Работи на прилепски камен  сивец, понекогаш и на тревартин  на кого   потешко се резбало.   Од неговите колеги кои работат на дрво тука е Милован Бекоња резбар, копаничар и вајар  од Крагуевац Србија, кој доаѓа трета година по ред.

Годинава  работам женски акт резба во дрво, иако организаторот не ми пронајде  модел, па го оформувам по сеќавање - се шегува Бекоња. Околу него беа колеги од Македонија со кои разменуваа идеи, искуства. Девизата на Бекоња  е ,,сите знаат се, а еден малку,, и затоа е постојано во муабет со учесниците копаничари. Сака да види како другите работат, но и останатите да го видат неговото мајсторство.  Гостољубивоста на домаќините - организатори, срдечноста на соседите од комшиските куќи   и извонредното дружење го враќаат  Бекоња во Велес. 

Вели дека пред се, сите учесници  ги спојува уметноста. Новина годинава е што организацијата на колонијата наместо општина Велес е од страна на граѓанско здружение ,,Папрадишки мајстори,  на академскиот вајар Ангел Коруновски и копаничарот Љубомир Бисин. Тие  ја добија организацијата како делегирана надлежност од страна на локалната самоуправа на Велес, која целосно финансиски ја поддржа. На манифестацијата  е и 80 годишниот наивец Радивој Блечиќ Блека од Инѓија Србија, кој зад себе има 47 години стаж во вајарството и повеќе од 2,5 илјади изработени дела, претежно на дрво.

Воодушевен сум од престојот, презадоволен од дружењето. Работам дела кои се мое видување на природата во одреден момент. Така како што јас ги прифаќам, додека седам покрај Дунав во Срем или сега  кога го гледам Вардар од оваа тераса, па тој ми дава мотив – вели Блека.  Во куќите на уметноста, каде творат учесниците, на Касапови и Џинот освен  учесниците, тука се и комшиите. Некој нуди слатко, друг домашна жолта. Сите за да бидат задоволни уметниците. Доаѓаат и со внуците, за да ја развијат кај нив од мали нозе  љубовта кон уметноста.

Се дружиме со уметници преку оваа колонија. Уште позначајно е што овие стари куќи, кои се реновирани, беа празни, сега  заживеаја, добија времени станари, станаа живи музеи. Гостите  се дружељубиви, живееме за нив и баш ни е пријатно во нивно друштво.  Во овој период тука стариот дел на Велес пулсира до длабоко во ноќта - вели Ратка   Панова  сосетка, која често ги посетува уметниците а и тие нејзиниот двор, од каде берат свежи смокви.

За инспирација или разонода, гостите престојуваа во археолошкиот локалитет Стоби  и селото Папрадиште, од каде потекнуваат Андреја Дамјанов, Димитар Андонов Папрадишки и Ѓорги Зографски. Учесниците на колонијата ,,Папрадишки мајстори,,со  изработените нови триесетина дела ќе  ја дополнат уметничката ризница на Велес и станаа дел од плејадата творци трајно вградени во културно милје на градот. Нивниот труд пошироката јавност во градот ќе го види на 9-ти Ноември, Денот на општината кога ќе биде организирана изложба од создадените дела.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »