речник контакт

Триото Санта Морена по четири децении повторно пропеа

Петре Давчев, Петре Костов и Крсто Џгуров повторно, по 4,5 децени се заедно и пеат мексикански песни

Петар Печков

Тројцата велешани, под заедничко име Санта Морена решија повторно да се вратат на локалната сцена и да ги запеат мексиканските песни. По пауза од четири и пол децении, повторно се заедно и ист репертоар но и  некои   нови  песни, а сите со звуците на  далечното Мексико.  Крсто Џгуров, Петре Давчев и Петре  Костов  беа дел од триото, кое постоеше  во средината на 60-тите години од минатиот век и сега по толку години  пак како Санта Морена се вратија на  песната.  

Решиме да се вратиме на  младоста, да се  обнови групата, да видиме дали можеме нешто да направиме повеќе од тогаш, не само да свириме туку и да снимиме. Се собравме, се  реформиве, иако толку време паузиравме, ни одеше се од рака. Снимивме неколку  авторски песни, дело на двајцата Петревци и Васко Гемишев, тие се со македонски текстови. Имаме снимено и  неколку мексикански, кои се препеани и наесен здравје да издадеме едно ЦД и направиме промоција, да оставиме нешто зад  нас  – вели Крсто Џгуров.

Тој е авторот на аранжманите, додека  петте  досега сработени песни се снимени  во студиото ,,Аудио саунд,, во Велес.  Така тројцата пријатели се вратија на младоста. 

Постоевме и работевме од 1965 до 1969-та година.  Бевме трио со име Санта Морена,  пеевме и свиревме латино американска музика. Настапувавме на гитара и во тоа време таа беше најпопуларна. Некако ни легна на сите тројца, најдобро на душата, не исполнуваше, носеше убави емоции. Згора на тоа, тогаш беа екстра популарни групата Мањифико, и ние по нивен терк почнавме да музицираме – вели Петре Давчев.  

Во тоа време, имало уште една група која свирела идентична музика, тоа е групата Пердуто, која имала поголем стаж од  Санта Морена. Започнале да настапуваат на 16 годишна возраст, свиреле на позајмени гитари потоа си купиле  и свои.  Биле облечени во мексиканска облека, со сомбрера кои ги добиле од играораниот ансамбл ,,Керамичар,, подоцна си купиле свои.

Настапувавме со Културно уметничкото друштво Керамичар. Коа тие имаа настап, имавме и ние. Бевме популарни, публиката не сакаше, со задоволство не гледаше, ракоплескаше  на нашите свирки.  Пеевме по 3-4 песни. Имавме настапи и по тогаш сите збратимени Титови градови низ Југославија. Секаде одлично миневме, имавме по илјада и некогаш две илјади гледачи   - додава Петре Костов.  

Тој има компонирано и песна,, Марија, Марија,,  која ја пееше Гоце Арнаудов. Петре Давчев пак има своја песна тоа е ,,Ти не знаеш дека те сакам,, и двете се  во шпански ритам на македонски јазик.    Интересно е како ги учеле  песните што тогаш ги свиреле. 

Песните ги учевме преку филм. Може  сега е чудно, ама  тогаш многу беа гледани мексиканските музички филмови. И ние одевме по  три четири пати да гледаме ист филм.  И така ги учевме текстот и музиката, некако блиску до оригиналот. Потоа дојдоа плочите, касетите, купивме грамофони, касетофони – објаснува Џгуров.  Со неговото заминување во војска во 1969-та завршува и кариерата на Санта Морена, за да оваа пролет повторно  се реформи,. Велешани ги чекаат нивните нови песни.  

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »