речник контакт

Троската и натаму им го загорчува животот на велешани

Министерството за животна средина ќе преземе мерки за санација на просторот, кој остана големо еко - жариште и по затварањето на Топилницата. Велешани не почувствуваа дека на проблемот со индустриската депонија сериозно се работи, иако таа од страна на државата е прогласена за една од неколкуте црни еко-жаришта во земјава.

Петар Печков

Троската, нус производ од работата на велешката топилница и складирана  во голема индустриска депонија, повторно се заканува по жителите на Велес, откако крадец започнал да ја користи за непознати потреби. Во неа има до 8 отсто олово и 1 отсто кадмиум, тешки метали кои се опасни по здравјето на луѓето.

Затоа Министерството за животна средина ќе преземе мерки за санација на просторот, кој остана големо  еко - жариште и по затварањето на Топилницата. За да се спречат кражбите во наредните денови депонијата ќе биде повторно обложена со хемикалии,  но и за да се заштити градот од ветриштата кои ја носат црната прашина до домовите на велешани.

Стапивме во контакт со компании кои нудат технологии, начини, можности и искуства за решавање на овој проблем, преку санација на загадени површини или мерки за третман на троската. Освен еколошкиот карактер, згурата има и економски момент кој дава простор за решавање. Во тек е постапката за подготовка на документацијата со која ќе привлечеме агенции кои ќе предложат мерки за нејзина санација, преку нејзино користење. Тоа ќе мине низ оценка на влијание на средината и откако тоа ќе заврши,  како црна еколошка загадена точка ќе биде решена. Ова не се однесува само на Велес туку и на сличните депонии  во Јегуновце и Бучим – изјави министерот за екологија Неџати Јакупи, при  посетата на Велес.

Проценките на Владата се дека за решавање на велешкиот проблем се потребни пет милиони евра, а за останатите многу повеќе. Со ваква идентична изјава пред осум месеци во Велес излезе и заменикот министер за екологија Соња Лепиткова, но до денес велешани не почувствуваа дека на проблемот со индустриската депонија сериозно се работи, иако  таа од страна на државата е  прогласена за една од неколкуте црни еко-жаришта во земјава. 

Министерот Јакупи најави дека иако не е познат сопственикот на депонијата и троската, државата има обврска да ја третира во интерес на  здравјето на граѓаните.  Инцидентот за крадењето на згурата ќе останеше непознато, доколку крадецот не сторил грешка, при транспортот со камионот еден километар зад себе сеел од материјалот по градските улици, по што реагираа невладините организации.

Но ова не е прв пат да се краде згурата, бидејќи пред година дена,  една велешка фирма за пескарење, судски била казнета со две илјади евра откако била фатена дека користи ист таков материјал.  Депонијата со згура е тешка 1 милион тони и во неа има 8% цинк и 1 отсто олово, што овозможува нејзина економска експлоатација. На оваа тема беа изработени две независно работени проекти, од странски и домашни експерти кои покажаа дека од депонијата може да се заработи.

Најисплатлив начин е истата да се преработи а остатокот да се употреби во градежна индустрија за цемент, од што може да се заработат 317 милиони евра наспроти вложените 82 милиони. Постои и варијанта да се транспортира згурата во странство, на пример Кина или Бугарија од каде ќе се заработат 216 милиони евра а ќе се потрошат 12,5. Трета солуција е таа да се преработи од што ќе се добијат 216 милиони а остатокот да се врати на постојната локација и трошокот изнесува 89 милиони евра. Има две варијанти кои се економски не исплатливи, покривање на депонијата со глина или нејзино дислоцирање, што чинат 9,6 односно 33 милион евра - изјави Марија Дуковска Павловска, финансиски експерт при презентацијата на проектот за санација на депонијата.    

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »