речник контакт

Турците се вратија дома, во велешко

Како изгледаше средбата со родното огниште во селото Иванковци и домот по 50 години

Петар Печков

Автобусот полн со патници полека го искачуваше  ридесетиот дел и по тесниот пат  се приближуваше до целта, селото Иванковци, велешко. Како беше поблиску до него, така жагорот и муабетот  на патниците стивнуваа а се јавуваше чуден молк, тишина, неизвесност, возбуда. Автобусот, како и тој зад него беа  полни со турци, кои доаѓаа да си го видат родното огниште, од кое заминале како деца пред половина век.

Сите патници беа на нозе и го чекаа моментот кога ќе запрат, да  селзат и да го видат тоа што им останало како матна слика од детството. И долго очекуваниот момент дојде, автобусот сопре, патниците тивко излегоа од него. Среде село тишина, се развртеа да видат што се наоѓа пред нив. И веднаш се упатија до урнатините од некогашната џамија и кај селската чешма, каде се напија од ладната вода и ритуално се измија лице. Возбудата не можеше да се сокрие, како ниту солзите кои се тркалаа по лицето, заедно со потта од оросеното чело од високите температури.

  Како деца тука се игравме, пред џамиската чешма.  Ова село е нашето родно место, родната грутка. Цел живот живеев за овој момент, да се вратам таму каде сум се родила. Заминав на 12 години и прв пат доаѓам  по толку години. Многу сум среќна, ја видов  својата земја, и никогаш не заборавивме во дека сме родени во Македонија.  Ме наежи  глетката  кога го видов мостот  во Велес. Ми дојдоа силни  чувства, се сеќавам на него бидејќи  со татко ми за рака, преку него одевме  на пазар – вели Кадрие Солаклар.

Но очигледно дека зборовите се премалку за да се искажат вистинските чувства, кога детството се враќа низ мислите и прелетува како птица од дланка за неколку секунди.  Таа живее во Истанбул во Чучук Чекмеџе  каде има многу македонци. Дојдена е со сестра и Хамдие Коселар, која имала три години кога се иселиле од селото Ајванли, турското име на Иванковци. Се сеќаваат дека татко им, кој бил полицаец, често ги носел на панаѓур во Велес и затоа мостот, ќупурли,  е првата асоцијација за Велес. Веднаш по симнувањето од автобусот селаните дојдоа до гостите. Објаснуваат дека штом ќе видат турски автобуси знаат дека доаѓаат старите газди на нивните домови, во потрага по родните огништа. Една од нив беше и  Сарибе Шале.

И таа заминала со 12 години. На ливче го запишала името Ладе и постојано го повторуваше. Тоа е името на новиот газда на кого му ја продале  куќата. Еден од селаните се нафати да и ја покаже куќата. Сабрие и покрај жешкото сонце и возраста, со крупен, решителен чекор тргна пред сите. Имаше некоја внатрешна сила која ја водеше и без водич, до родниот дом. Нешто што само човековата природа го носи внатре како магнет, до посакуваната цел, преку селските плотови, преку градини.

И ја покажаа куќата на Ладе. Но Сабрие, замина зад неа, преку само нејзе знаени премини и наеднаш покажа на друга од соседството. Тоа е таа, тоа е куќата каде е родена. Потоа остана присутните да го почувствуваат нејзиниот  децениски копнеш по домот, кој не може да се раскаже. Така и таа велеше, ова е мојот дом, што подоцна го потврдија и соседите.

Ова е куќата од мајка ми Севдие. Тука се родив и тука пораснав. Таа беше полицајка за жените во селото. Ќе дојдам наскоро со синовите тука за да видат од каде им се корените – вели Сабрие Шале која заминала за Турција како и повеќето на 12 години возраст, во 56-тата.

Се фотографираше  за спомен. А се препознаа со некогашните соседи, со  Наталија и Димитрија Бојковски. На течен турски си кажаа многу нешта, кој за дел од присутните остана тајна, но очигледно дека средбата беше срдечна, искрена, топла. Наталија објаснува дека била две години тука во соседство, како млада снаа, но имала одличен однос со мајката на Сабрие.

Мерак ми е што се сретнавме по толку време, не покани  да одиме на гости во Турција. Имаме убави спомени. Ех што ти е живот – вели Наталија. Слични средби имаше доста во селото, бидејќи во Иванковци допатуваа  85 некогашни негови жители, сега жители на Истанбул. Но метрополата не ги сменила. Среќни и задоволни од исполнувањето на животниот сон.

Дојдовме со два автобуси од Турција да го посетиме местото каде живееле моите родители.  Ние растевме со нивните зборови и раскажувањата за Македонија. Освен Велес ги  посетивме  Струга, Охрид, Битола, Штип, Тетово и Валандово. Прв пат повеќето доаѓаат во Македонија,  претходно пред  четири  години беа тука  други турци. Велес  преку нас живее во Чучук Чекмеџе  -  вели Рамазан Ѓулер  претседател  на организацијата на македонските турци кои живеат во таа земја. 

Друштвото  како што наликува се вика ,,,Ќурпурли,, ( турското име на Велес, што значи град на мостови).  Иако беше планирано да се остане два часа, гостите до доцна вечерта  беа во Иванковци а планот за следните посети се помести. Жарта од родното огниште не може да се загасне со негова посета мерена во минути. Напротив таа се распалува, и гори а спомените не се гаснат, туку се повеќе навираат. Така и муабетите со домаќините немаа крај. Со ветување за скоро видување и отворена покана за гости во Истанбул. Да видат што некогашните нивни соселани, направиле во животот. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »