речник контакт

Турција и Грција го премостуваат културниот јаз со романтика

Откако се скараа чиј е ѓеврекот, сега турците и грците заедно си снимија романтична тв серија. Темата е мешаниот брак меѓу турски рибар и разведена жена од грчки остров

Петар Печков

Романтиката и „тајниот однос“ меѓу обичните Грци и Турци е повторно двигател на уште една големобуџетска турска романтична комедија. Темата е далеку од невообичаена во реалниот живот.

Ики Јака Бир Исмаил“ (Два брега, еден Исмаил), новата турска романтична серија -- снимена на локација во источниот Егејски остров Лезбос (Митилена) и во Ајвали, наспроти овој остров, во Турција -- почна да се емитува овој месец. ( наскоро и кај нас во Македонија преку Сител тв)

Играјќи на темата на мешаниот брак -- овојпат меѓу турски рибар и разведена жена од грчкиот остров -- истата следи по нашироко популарната турска серија „Јабанчи Дама“ (Зет туѓинец), која дебитираше во 2004 година.

„За мене, [мешаниот брак] повеќе не е табу -- знам многу Грци сега оженети за Турчинки, и прилично многу Турци оженети за Гркинки. Тие живеат во Митилена, неколку во Ајвали, во Лариса [во централна Грција], насекаде“, според актерката Елени Филини, една од протагонистите во новата серија и поранешна мисица во 1980-тите.

Земете го, на пример, парот од реалниот живот Аслихан Озкара и Никос Димос, кои се сретнале на забава пред неколку години во Истанбул. Во август 2008 година парот влегува во брак на изненадната венчавка што се одржа во оваа метропола на Босфорот.

Озкара рече за SETimes дека фактот што таа и нејзиниот сопруг се од различно етничко потекло не значи ништо, бидејќи се многу слични како индивидуи.
Спротивно на очекувањата, бракот бил добро примен од нивните семејства.

„Веројатно поради тоа што нашите семејства живееја во странство долго време и беа навикнати на вакви мешани бракови, така што ова не се сметаше за нешто невообичаено“, објасни таа, додавајќи дека семејството на нејзиниот сопруг е, исто така, продукт на мешан брак.

„Така, ние во извесна смисла ја продолживме традицијата. Таткото на Никос беше Грк, а неговата мајка Турчинка. Затоа не видовме никаква чудна реакција“, рече Озкара.
Но, таа додаде дека нивниот брак помогнал да се надминат одредени притаени и длабоко вкоренети предрасуди во нивното непосредно социјално опкружување. „Со нашиот брак ние се обидовме да воспоставиме мост меѓу овие две култури; да се знаеме меѓусебно и да се разбираме подобро“, рече таа.

Друга успешна „љубовна приказна“ од двете страни на Егејот е семејството Цицеликис-Озгунес.
Мерич Озгунеш и Константинос Цицеликис се сретнале на работилница за грчко-турски цивилен дијалог и моментно живеат во северниот грчки град Солун.

Нашите националности дефинитивно не нé водеа до негативна перцепција [еден за друг]. Веќе бевме вклучени во турско-грчките прашања и отворени за дијалог; и многу повеќе отколку нашите националности не зближи. Ние, во секој случај, бевме против национализмот и го ценевме мултикултурализмот“, рече Озгунеш за SETimes.
Парот се венчаше на официјална свадбена церемонија во 2005 година, која се водеше на турски и грчки јазик во Солун. Како родители на мали деца, тие никогаш не ги крстиле децата во православна вера, ниту, пак, церемонијално ги обрежале, како што е муслиманскиот ритуал.

Ќе ја оставиме оваа одлука на нивната волја, објасни Озгунеш.

Запрашан за реакциите во врска со бракот, Цицеликис рече дека двете семејства многу ја почитувале нивната одлука, при што единствените прашања дошле од познаниците или соседите, кои прашувале за сеприсутното прашање на религијата.

Моравме да се соочиме со прашања во врска со тоа која религија нашите деца ќе ја имаат, ако имаат некаква“, рече тој.

Цицеликис и Озгунеш рекоа дека сметаат оти влијанието на ваквите бракови може да се измери само во нивните непосредни социјални и професионални кругови.
„Тоа дефинитивно им овозможи на некои луѓе околу нас, како што се роднините и соседите, да дојдат во контакт со ,другиот’, да го материјализираат поимот „Турчин“ или „Грк“ и затоа, тоа помогна да се скршат некои стереотипи“, објасни Озгунеш.

Ајше Гундуз Хосгор, експерт за мешани бракови од анкарскиот Блискоисточен технички универзитет, подвлече дека мешаните бракови се фактор што придонесува за интеграцијата на барем еден од двајцата партнери.
„Кога говориме за мешаните бракови меѓу различните етнички групи, нивото на образование и професионална софистицираност се главните фактори што ја поставуваат основата за потенцијалните партнери [од различни култури] да се сретнат меѓусебно“, рече Хосагор за SETimes.

Сепак, таа посочи и на важноста на религијата кога се проценува одржливоста на ваквите бракови.
Покрај интересот создаден од браковите во вистинскиот живот, „Ики Јака Бир Исмаил“ веќе носи туристички благодет за Лезбос преку серијата резервации на турските туристи, според сопственикот на патничката агенција Арис Лазарис, кој помогна во координирањето на снимањето на серијата на големиот остров, кој локалните жители го нарекуваат Митилена, по името на главниот град.

Од пеколот што се случуваше надвор од сезоната, поради последиците од економската криза и откажувањата на резервациите на странските тур-оператори, дојдовме до тоа нашите телефони без престан да ѕвонат, рече претприемач од Митилена.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »