речник контакт

Улицата Благој Ѓорев во урбанистички хаос

Угостителите ја узурпираат слободната зелена површина, поставуваат времени објекти, локалната власт најавува воведување ред

Петар Печков

Станарите од главната улица во Велес, Благој Ѓорев реагираат на дивеењето  и нелегалното поставување на времени објекти и урбана опрема на слободната зелена површина во нивното дворно место.   Преку ноќ секоја педа засадена со трева се  освојува, се узурпира. Примерот од изминатиот викенд ја надмина границата на трпеливост на станарите, па тие  побарале и помош од полицијата за да се спречи диво поставување на киоск за скара.

  Во саботата попладне започнаа градежни работи на слободната парцела до зградата. На прашањето што се работи ни одговорија дека се од комуналното и садат цвеќе. Ама потоа почнаа да цементираат, поставуваат плоча па викнавме полиција. Таа доаѓаше три пати, сопствениците, за нас  непознати продолжуваа да работат иако немаа никако документ, кој се бараше и од нас и од полицијата. Завршија со работа на полноќ. Објектот кој сакаат да го постават  е на површина за која немаат дозвола, бидејќи во градот не може да има времени објекти  - вели Владо Хаџи Наумов во името на  станарите од зградата Благој Ѓорев 87.

Тие затоа барат од градежната инспекција да го санкционира овој случај а од локалните власти да ги заштитат, согласно законската  регулатива. Но ова не се единствените маки. Поголемиот дел од станарите на овој станбен комплекс, спроти Гимназијата имаат проблем да стигнат до дома. Пристапните  патеки до влезовите  им се освоени од урбана опрема на бројните кафитерии кои се лоцирани во приземјето од зградите.

  Уништено е зеленилото, освоени или окупирани се пристапите за влезовите.  За да дојдеме до дома мораме да одиме по тесна патека а децата нема каде  да играат. Целиот простор пред зградите е  со маси и столови. Последниот месец дури и тревната површина пред кафиќите сопствениците ја узурпираа, дрвата кои ги садевме ги исекоа. Поставија тенди, теписони, со што ни е спречено слободното движење – вели Горан Ончев станар  на истата улица, во комплексот згради кои секојдневно и силно го чувствува проблемот со узурпацијата и дивеењето на угостителите. Од локалната власт најавуваат дека  се воведе ред.

До нас не е стигнато никакво барање за дислокација на времен објект, на местото каде што се посочува од станарите. Целиот настан и активности се индивидуален чин на лица кои  не побарале и не добиле никаква дозвола. Извршен е инспекциски надзор и  откако тој ќе се комплетира ќе знаеме кој и што работел. Општина Велес ќе ги почитува законските норми за времените објекти. Во следниот период ќе работиме на проблемите со узурпирањето на слободниот простор  од угостителите и ве уверувам дека тие ќе бидат решени. Ќе вложиме максимални напори тревните површини да се доведат во коректна состојба  – вели Мартин Мајсторов портпарол на општина Велес.   

Урбан хаос се случува на главната градска улица, која е најатрактивна за трговците. Преку ноќ после Нова година се исекоа брези и се  пренаменија гаражи во деловен простор. Сопствениците заработија кривични пријави од локалната власт а просторот  и покрај барањата не се враќа во првобитна состојба. Сопствениците на Стоковната куќа Бос  и Автобуската станица реагираат на времените објекти кои се наоѓаат во нивна близина, во нивниот двор и им го уништуваат бизнисот. Тие од мали дуќанчиња, станаа вистински маркети.

Од општината за овие случаи велат дека комуналниот инспектор е постојано на терен и тој ќе постапува согласно законските норми штитејќи ги  интересите на сите  засегнатите.   Изминатите две години иако имало дваесетина решенија за уривање на бесправно изградени објекти, не е постапено по ниту едно од нив.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »