речник контакт

Урбанизацијата на езеро Младост, ги подели партиите во велешкиот Совет

Градоначалникот Колев кажа дека не планира дополнително урбанизирање на околината неа езерото, освен со спортско рекреативни терени

Петар Печков

Потребно ли е и натаму да се продолжи со урбанизацијата и градењето на просторот околу езеро Младост. Ова е дилемата која ја актуализира политичката партија Левица и таа е присутна  меѓу велешани од почетокот на годинава.

„Со овој однос на 80 отсто од искористеноста на постојниот ДУП и уште 20 отсто останато што треба да се продаде, треба да се прогласи мораториум и да остане таква состојбата. Сепак езерото треба да остане да рекреираат и одмараат велешани и не само тие кои што доаѓаат на неговите брегови. Не сме да се руши ништо што е изградено, туку едноставно да се сопре со натамошната продажба на парцелите“ - кажа   Димитар Абрашев координатор на Левица во велешкиот совет, каде е застапена со три советника.  Тие побараа и поддршка од  советникот од партијата ДУИ, која најави дека има „зелена агенда“ и порачаа тоа да го покаже на дело.

За градоначалникот Марко Колев, ваквото барање е нереално. Објаснува дека состојбата ја наследил и тој со ништо не придонел за неа.

„Терминологијата која се употребува ја доведе во заблуда велешката јавност.  Ние носиме одлука за програма за уредување на градежно земјиште и ако има интерес ќе ставиме парцели за продажба кои се слободни. Ниту се носи нов ДУП, ниту се носи дополнување на постојните. Парцелите се предвидени за продажба согласно ДУП одобрен со одлука на Совет уште во 2007 година, врз основа на добиена согласност од Министерството за транспорт и врски. Целосно е неточно тврдењето дека ќе се узурпира и урбанизира шумското подрачје околу езерото, напротив, зелениот појас останува целосно заштитен. Јавноста треба да знае ако нешто не е изградено, не значи дека не е и продадено“- изјави градоначалникот Марко Колев. 

Најави дека не планира дополнително урбанизирање на околината неа езерото, освен спортско рекреативни терени, кои е биле градби туку уредување на просторот.

Тој обелодени дека во 2021 година, со дооформување на градежна парцела, која во еден дел била приватна, е купено државно земјиште,  на кое наскоро може да се очекува да почне да се гради. Дури за еден од хотелите локална власт имала обврска да му изгради пристапен пат, а не го изградила иако  сопственикот ги платил комуналиите

.Иако три пати истата таа програма ја носеше СДСМ како власт во Советот, овој пат ја оспоруваат како опозиција.  
„Ние како одговорно мнозинство не дозволивме ниту еден плац, претходната година да се објави на продажба. Го употребивме сите механизми на соработка или не соработка со градоначалникот за да не се стават на продажба. И не беа ставени, правевме се за да не заживее и не заживеа програмата. За разлика од нас, тогашната опозиција беше толку жолчна против уредувањето на градежното земјиште околу езеро Младост дека ќе се уништи биодиверзитетот а сега вели потребно е истата да се изгласа. Ние бевме против оваа точка оти седницата беше онлајн и сметавме дека јавноста не може да биде запознаена“ - вели Ќирил Гајдов од НСДП, коалиционен партнер на СДСМ во велешкиот Совет и претседавач во последната година од претходниот мандат.

Владејачката на локално ниво ВМРО-ДПМНЕ објаснува дека граѓаните лани на локалните избори ја одобриле нивната  програма за работа.

„Ние не ретерираме во нашиот став. Програмата за работа беше ставена пред граѓаните на ланските избори, тие со големо мнозинство ја изгласаа. Таа програма предвидува изградба на велосипедски патеки, парцели за кампување и за поставување шатори и завршување на пешачката патека како и поставување на пластична платформа за водени спортови. Како и дополнителни  туристички потенцијали и капацитети за сместување. Овие наши предлози ги поддржа 12,5 илјади гласачи на изборите“- кажа Дејан Палашев од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.     

Политичката партија Левица најавува дека планира да го постави ова прашање на референдум, дали граѓаните  се за натамошна продажба на парцелите околу езеро Младост.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »