речник контакт

Урбаното градинарство се шири во градовите во Хрватска

Властите во неколку градови во Хрватска одобрија користење на јавно земјиште за одгледување зеленчуци, што предизвика интерес кај сè поголем број граѓани. Во Загреб има доделено 600 парцели

Петар Печков

Во големите градови во Хрватска може да се забележи експанзија на движењето за урбано градинарство бидејќи луѓето сакаат да го збогатат својот социјален живот и да ја подобрат исхраната на нивните семејства.


Властите во неколку градови во Хрватска одобрија користење на јавно земјиште за одгледување зеленчуци, што предизвика интерес кај сè поголем број граѓани.
Анте Вујчиќ, пензионер од Вировитица, работи во својата градина во близина на семејниот стан во резиденцијалниот дел на градот. Преку годината тој собира компири, тиквички, зачини, пченка, краставици, пиперки, па дури и грозје од неколкуте лозници што ги насадил околу шупата во која што ги чува своите градинарски алати.

„Мојата најголема сатисфакција е кога ги собирам здравите плодови што сум ги одгледувал преку годината. Она што е важно е дека можам да бидам на свеж воздух и да се дружам со блиски пријатели, исто така градинари“, рече Вујчиќ за SETimes.

Пред неколку години градските власти во Вировитица ја изораа земјата, ја подготвија почвата и прибележаа 17 парцели за урбано градинарство. Годинава достапни беа 21 парцела, а градот планира дополнително да го зголеми бројот на парцелите.

„Како што расте интересот за одгледување градини, одлучивме да ги прошириме и во другите делови од градот, со тоа што отворивме градини во други резиденцијални делови, каде што граѓаните живеат во станови и немаат свои градини.Иницијативата беше голем хит и луѓето дури доаѓаа во општината да се пофалат за нивните берби“, рече градоначалникот на Вировитица, Ивица Кирин, за SETimes.

Во Загреб беа отворени 400 нови градини во шест различни делови од градот. Парцелите се со големина од 50 квадратни метри и можат бесплатно да се користат во период од три години.

Приоритет имаат невработените и социјално загрозените лица кои живеат во близина на градините.
Инес Врбан, претседателка на трустот „Заедничка патека“, што им помага на сиромашните и на хендикепираните возрасни лица во Загреб, рече дека нивните корисници се задоволни со проектот.

„Од витално значење е овој проект да вклучи што е можно повеќе луѓе. Многу од нашите членови и корисници велат дека градинарството им причинува задоволство, кога нешто расте, а тие го собираат. Ова е важно од социолошки, од здравствен, од психолошки и од економски аспект“, рече Врбан за SETimes.

Градоначалникот на Белишче, Звонко Бориќ, планира да привлече ЕУ фондови за да ги прошири Урбаните градини во Белишче, што опфаќаат 150 парцели, секоја од по 60 квадратни метри.

„Сакаме да им овозможиме на сите заинтересирани граѓани на Белишче да користат земјиште од познатите поранешни ‘училишни градини‘, без надомест.“ Земјиштето ќе биде поделено на парцели, регулирано и доделено на оние кои сакаат самостојно да одгледуваат храна, давајќи им можност значително да ги подобрат нивното здравје и животниот стил“, рече Бориќ.

Европската комисија финансира проекти за урбано градинарство преку проектот „Европски урбани градини Отеша“, што овозможува поврзување на шест организации за урбано градинарство од пет европски града преку споделување практики и градење на иновативните градини Отеша.

Урбаното градинарство е успешно и во Вараждин. Здружението „Гредика“ освои награда од австриската фондација „Унру приватштифтунг“, која што ги оцени градините во Вараждин како еден од најдобрите проекти на општествена иновација во регионот.

Оваа година „Гредика“, која управува со јавното земјиште, регрутираше 108 нови градинари, доделувајќи им по 50 квадратни метри земјиште.

Друга причина за проширувањето на овој тренд е високата цена на храната. Централното биро за статистика во октомври соопшти дека граѓаните во Хрватска трошат речиси 50 отсто од нивниот годишен доход на храна, што, во просек, изнесува околу 3.000 евра годишно.
Врбан рече дека урбаните градини се особено важни за пензионерите, чии доходи се традиционално ниски.

„Некои можат да си дозволат квалитетна храна со нивните пензии, но некои, за жал, не можат. Овие проекти се навистина важни во насока на исправка на цената и на квалитетот на храната. Дополнително, пензионирањето претставува голем социјален шок, бидејќи одненадеж на човек му се намалуваат приходите, му се зголемува слободното време, а има помалку фамилија. Поради тоа, градинарството е одличен проект“, рече Врбан за SETimes.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »