Петар Печков
Објавено: вторник, 07 февруари 2012
Во три часот наутро, советниците на Општина Велес со мнозинство гласови решија да ја прифатат иницијативата за згаснување на двете основни училишта од десната страна на градот, ОУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и ОУ „Благој Кирков“ и формирање едно ново, со име „Панко Брашнар“. Поднесувач на иницијативата беше претседавачот на Советот Славчо Чадиев. Тој вели дека причината за ова е малиот број на ученици.
Ако во 2006-тата во двете училишта имаше 1100 ученика, оваа година нивниот број е намален на само 800. Во двете училишта просекот на ученици по одделение е 19 во паралелка, што е под законскиот минимум од 24. Ова е почеток на процедурата во која ќе бидат формирани повеќе експертски групи, кој ќе излезат со нивна информација. За тоа дали ќе загаснат двете училишта ќе решава и Министерството за образование а последниот збор ќе го има Советот. Истата ќе трае неколку месеци и до јуни ќе се знае судбината на овие две образовни институции – рече Славчо Чадиев, претседавач на Советот на општина Велес.
Според него доколку мине иницијативата, нема ниту еден професор или технички персонал да остане на улица. Овие две училишта работат во една зграда со тоа што во едната смена е едното а во другата второто училиште. Опозицијата во Советот не ја прифаќа иницијативата, бараат елаборат за нејзина издржаност.
За да се донесе една ваква иницијатива потребно е претходно да се знае колку професори ќе останат на работа, што со тие што ќе бидат вишок, како и по колку деца ќе посетуваат настава во одделение. Ваквата понудена форма само со едно парче хартија не ја покажува потребата и затоа се противиме на почнувањето на процедурата – вели Зорана Георгиев, советник од СДСМ.
Отпор за реализацијата на оваа идеја има и од родителите од ОУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ кои најавија дека ќе ги отпишат децата од новоформираното училиште, ако се случи, бидејќи според нив во Џинот имало доволен број на ученици. Пред шест години во Велес згасна ОУ „Трајко Андреев“, откако истото се припои кон ОУ „Блаже Конески“. Причина беше малиот број на ученици во двете училишта.
Tweet |