речник контакт

Учениците од Економска го изработија нивниот изум ,,рингобит,, и бесплатно го поделија

Тие за овој иновативен производ добија награда од UPSHIFT

Петар Печков

Учениците од  велешкото економско училиште ,,Јове Тесличков,,  го изработија нивниот иновативен производ „Рингобит“ и бесплатно  го поделија на учениците  во училиштата за деца со посебни потреби но и во сите основни во градот. 

Тоа е едукативно помагало, игра за совладување на основни математички вештини. „Рингобит“ претставува eco-friendly производ кој содржи бројки и математички операции и е наменет за учење на почетните аритметички вештини: собирање и одземање.

Тие за овој нивен изум добија награда од  програмата UPSHIFT  за социјално претприемништво во рамките на која преку решавање на одредени социјални проблеми и предизвици им се овозможува на младите да развијат нови вештини.  

Рингобит нуди сосема нов концепт на учење математика преку игра, забавен е и лесен за користење. Го поедноставува процесот на учење и помага полесно да се надминат когнитивните потешкотии при изучување на основните аритметички вештини. Наменет е за ученици со посебни образовни потреби, помали деца, ученици со потешкотии во учењето, ученици со акалкулија и дискалкулија. Според експертите, со користењето на Рингобит се јавува подобрување на сите аспекти на когнитивниот развој: внимание, помнење, логичко размислување, имагинација. Истовремено Рингобит влијае во правец на поттикнување на сензомоторниот развој,  подобрување на меморија, координација, финамоторика и координацијата раце -очи - вели Симона Андовска -ученик во четврта  година, која заедно со Анастасија Андовска, Мартина Стојкова, Аријан Амзи, Сара Ѓорѓиевска под менторство на професор Радмила Андовска, ја замислија оваа идеја и ја реализираа.  За својата социјална бизнис идеја тие добија награда во висина од две илјади евра. 

Последните три месеци, покрај училишните обврски, спремањето и полагањето на државна матура, учениците неуморно работеа и на реализација на овој за нив значаен проект.  Откако се изработија производите и промотивниот материјал, тие направија презентации во повеќе училишта, градинки и здруженија. Преку нив, присутните деца, наставници, родители, дефектолози, можеа да видат како се користи Рингобит и кои се придобивките од неговото користење.

- Во свет полн со предизвици и модерна технологија, математиката треба да е на прво место. Во свет во кој потешкотиите при изучување основни математички операции претставуваат проблем, ние најдовме и нудиме иновативно решение – велат учениците, кои уште кога ја добиле наградата  одлучиле производите да ги донираат на институции и здруженија, а не да се продаваат. 

Сметаат дека на тој начин нивниот производ најбргу ќе стигне на вистинското место, таму каде што е најпотребен. Рингобит  беше поделен  во  градинките во Велес, во ПОУ  Маца Овчарова Велес,  ОУ Даме Груев - Градско со градинката, ОУ Тодор Јанев Чашка, ОУ  Методија Митевски  Брицо - Лозово,  Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух -Кочо Рацин Битола, ПОУ Златен Сремец Скопје, ПОУ Иднина Скопје, Дајте ми крилја здружение од Скопје. 

Бескрајно сме благодарни на организаторот што ни овозможи да бидеме виножито во нечиј облак – велат за крај учениците.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »