речник контакт

Французинка дојде и живее во Велес да учи народни игри и танци

Французинката Лајла Лапартијан една година времено е жителка на Велес.Овој период од нејзиниот живот таа реши да го посвети на учење на традиционалните танци од земјава.

Петар Печков

 Таа дојде да живее во овој град и ги учи македонските ора и танци, откако нејзината фирма и даде година дена неплатен одмор. Лалја е членка на велешкото КУД Вила Зора и многумина можат да и позавидат на познавањето на старите македонски ора.

Причината поради која се решив да дојдам во Велес е вашиот танц и играорното друштво. Во фирмата во која работам, поради економската криза,  лани во август ни дадоа една година слободно, без работа но и без плата. Сакав да учам македонски, бидејќи имав доста пријатели од земјава и решив да дојдам тука да минам една година – вели Лајла.

Таа по препорака на нејзина пријателка пред неколку години, се запишала на семинар за македонски ора кој ги водел велешанецот Сашко Атанасов. Тоа се случило во 2004-та година кога за прв пат заиграла и   потоа вечно се вљубила во нашиот фолклор. Тоа било во областа Бретања, од каде  е родум, но потоа  во секоја пригода, го посетувала секој семинар кога се учеле македонските ритми. Наученото изминатите години, сега го  применува во пракса. Три пати неделно заедно со останатите играорци од КУД Вила Зора неуморно работи на нејзино усовршување.

Лајла е прекрасен човек, одличен ученик. Со голема љубов ги научи повеќето македонски ора, кој малкумина може да се пофалат дека ги знаат. Не се жали, туку со насмевка  предадено неуморно работи. Со нас беше на сите наши настапи во земјава а ќе учествува и на фолклорниот фестивал летово, што ќе се одржи во Велес. Тоа за неа е голема чест и со нетрпение го очекува – вели кореографот Сашко Атанасов.

Французинката со данско место на живеење ги знае Пајдушко, Елено моме, Водарки, Повардарие...  Таа додека е тука добила на користење  мијачка народна носија, вредна илјада евра, стара стотина години на која е особено горда, со која игра на настапите. Во Велес останува до септември  па потоа  се враќа на работа, во  светски познатата авиокомпанија САС. Се вљубила во Македонија и тука нашла голем број пријатели. Многу интересно го дефинира животот во земјава.

  Во Македонија е тешко но многу убаво да се живее. Тешко е бидејќи нема пари и работа, но е  прекрасно да се живее, има луѓе во вистинска смисла на зборот. Можам да одам каде сакам, има музика, има живот. Во Франција и Данска каде живеам има пари, но верувајте нема живот, се е скапо, нема време. Тука во Велес постојано сите се по улица, во движење, се познаваат, пријатни луѓе кои се темпераментни и уште сега жалам што во август ќе си одам. Но морам да се вратам на работа. Ја сакам музиката и да живеам со неа – објаснува Лајла.

Ќе го помни пречекот на Новата 2010 година  кој ги минала на ресторан на велешко езеро и тоа е нејзиниот најдобри пречек во животот. Исто така била на свадба и ја фасцинирале адетите што таму ги видела.   Научила да готви македонски јадење, го издвојува спанаќот со ориз а сака да појадува чорба  и бурек   слабост и се благите работи, баклавата и без нив  не може. Не знае ниту еден македонски фолк пејач, но затоа има многу цедиња со македонска изворна музика, а посебно ги обожува Македонско девојче и Бисер Балкански, за кои не и се веруваше дека се ново компонирани песни.

Така преку музика  го научила македонскиот јазик, солидно. Уште неколку месеци и таа ќе се врати назад, во Данска, претходно живеела во Русија и Тунис, но отворено и искрено вели дека годината мината кај нас, ќе ја тера повторно да се враќа и ужива во топлото македонско сонце, бројните пријатели и животот и најмногу од се музиката и танцот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »