речник контакт

Целерот борец против пролетен замор

Ги топи калориите, холестеролот и го намалува крвниот притисок

Петар Печков

Коренот и стеблото на целерот се многу барани кулинарски зачини во подготовката на многу јадења и супи, бидејќи го будат апетитот и ја зајакнуваат отпорноста на организмот

Го намалува крвниот притисок, ги топи калориите и се бори против бактериите.

Иако по влажните места дивиот целер расте во изобилство, во исхраната, како ароматичен зачин и за лекување, се користи исклучиво питомиот целер (Apium graveolens). Оваа крупна, двегодишна билка, е препознатлива по сочните, дебели, темнозелени листови и особено по карактеристичниот мирис. 

Целерот поднесува остра клима, па успева и во ладните краеви и може да се набави во текот на целата година. За подготовка на јадења традиционално се користи заедно со листовите. Фармацевтите и билкарите, сепак, порачуваат дека е најлековит извадениот целер во текот на октомври. Целерот изобилува со витамин К и диетални влакна, а содржи и протеини, јаглени хидрати и малку масти. 

Лековитите материи, како што се флавоноид апиин, кој има антиоксиданто дејство, етеричното масло и аминокиселината аспарагин, се наоѓаат во коренот, стеблото и листовите. Енергетската вредност на 100 г корен со листови е мала (околу 14 калории), а познато е дека организмот за варење на целерот троши многу повеќе енергија (калории) од вредноста на изеденото. Затоа и се препорачува за слабеење, но и за чување на добрата линија. 

Поради содржината на етерични масла и терпен дејствува против бактериите и габите на цревната слузокожа и уринарните патишта. Со оглед на тоа дека целерот има кумарин, го спречува штетното дејство на слободните радикали и истовремено ја поттикнува работата на белите крвни зрнца. 

Целерот штити и од остеопороза, а комплексот на витамини од Б-групата од оваа намирница ја стимулира размената на јаглени хидрати во телото, ги зајакнува нервите и мозокот, ја потпомага работата на цревата, го чува здравјето на кожата, косата, очите и црниот дроб. 

Меѓу народот постои изрека: „Кој на срце има фелер, засекогаш мора да јаде целер!“, што го потврдуваат и научни истражувања, бидејќи го намалува крвниот притисок, опуштајќи ги мускулите на артериите. Освен тоа го намалува и холестеролот во крвта, за што е потребно редовно пиење на свежо исцеден сок од неговиот корен. Го намалува и шеќерот во крвта и поволно влијание на регулација на менструалниот циклус. 

Лековитоста на целерот се потврдила и во лекување на низа заболувања кои настануваат како последица на стресот, а може да се користи и против астма и настинка, смирувајќи ја кашлицата и дејствувајќи противвоспалително во случај на болести на грлото. Помага исто така и кај проблеми со варењето, го отстранува лошиот здив и е одличен борец против пролетниот замор. 

Коренот и стеблото на целерот се многу барани кулинарски зачини во подготовка на бројни јадења и супи, бидејќи го будат апетитот и ја зајакнуваат отпорноста на организмот. Се користи најмногу во супи, сосови од месни и јадења од зеленчук. При изборот на целер треба да внимавате: 

тежината на коренот да одговара на големината, а на допир да биде цврст

 стеблото на целерот мора да изгледа свежо, без траги од сушење и гниење

не купувајте веќе исечен и измиен целер во комплет за супа бидејќи со стоењето ја губи бојата и вредните состојки

Целерот (коренот) може да се чува неколку недели во фрижидер, а исечените и исчистени листови може да стојат во пластична ќесичка 7-10 дена. Ако стане мек и потемни, фрлете го. 

Сепак, треба да се има на ум и дека целерот не е за сите луѓе. Иако е познат, пред се', по лековитото дејство, треба да се внимава со неговата употреба за време на бременост, бидејќи може да доведе до контракции, дополнително ја стимулира работата на бубрезите, па затоа и оние кои имаат некое заболување на бубрезите, треба да бидат внимателни. За дијабетичарите е најдобро да го консумираат сварен, а постоја и луѓе кои се алергични на целер

Салата со целер и праз. Потребно е: 1 корен од целер, 1 праз, 1 чаша кисела павлака, сол. 

Приготвување: Излупете го целерот и изрендајте го од најситната страна на рендето. Празот исечкајте го ситно и измешајте го со целерот. Додадете ја павлаката, добро промешајте и посолете.

Мусака од печурки и тиквички . Потребно е: 100 г млади печурки вргањ, 200 г млади тиквички, 1 главица кромид, 1 чешне лук, 150 г компири, 2 моркова, 20-30 г пашканат, 50 г целер, сол, црн пипер, 1 лажица вегета, 1 лажица брашно, 2 јајца, 1дл кисела павлака, 0,5 дл масло, магданос, 50 г димена сланина, 50 г козјо сирење.

Приготвување: На масло пропржете го ситно исечканиот кромид и испасирајте го лукчето. Измијте ги печурките, исечкајте ги и пропржете ги заедно со кромидот. На крупната страна на рендето изрендајте ги тиквичките, морковите, целерот, пашканатот и компирите и измешајте ги заедно со црниот пипер, вегетата, магданосот, брашното и јајцата. Добро промешајте па сипете во подмачкан огноотпорен сад. Врз масата наредете ги парчињата димена сланина. Печете во загреана рерна 25 минути на 180 степени, извадете на кратко и наредете го козјото сирење, па вратете повторно во рерна уште 10 минути.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »