речник контакт

Чествување за Рацин на Лопушник

На денот на смртта на поетот Рацин, посета на местото каде тој беше застрелан

Петар Печков

На Лопушник бројни гости, посетители, почитувачи на делото на Кочо Солев Рацин му оддадоа почит на денот од 69-тата година од неговото загинување.  Градоначалникот на Велес,неговиот роден град, повторно праша зошто  Рацин беше убиен тој кобен 13 јуни 1943-та година.

Со нашето присуство овде, покажуваме дека  го почитуваме делото на Рацин. Без оглед што уште тогаш тој го загубил животот, сепак Кочо живее  и тој е присутен тука. Тоа што тој го направи за нас, како Македонци не обврзува да доаѓаме и му оддаваме почит.  Тука доаѓаме и бараме одговор што се случило тој кобен ден.  Затоа треба да продолжиме да трагаме по вистината, се додека таа не се открие, без оглед дали сега, за некоја година или по многу други. Ова е обврска за тој да се смири, таму каде што почива.  Рацин преку неговата поезија го промовираше сопствениот народ, да се слушне ширум светот. Неговата поезија  и по 70 години е свежа и актуелна – рече Горан Петров градоначалник на Велес. 

На местото каде е застрелан Рацин цвеќе положија и градоначалникот на општина Другово, која го организираше чествувањето, потоа претставници на АРМ, борците, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ Мане Јаковлевски. На овој настан дојдоа планинари,  мотористите од Кичево, кој успеаја да се пробијат по тешкиот планински пат.

Рацин со своето дело оставил место, но и обврска  кон македонскиот народ, да му оддаваме почит. Традиционално се собираме тука доаѓаме на мотори. Важно е да се дојде, теренот не е проблем, кога се сака. Малку се помачивме беше напорно, но кога човек има волја ќе истрае  – вели  Горан Димитриевски моторист од Кичево.

Меѓу гостите и кичевецот Гулаб Сарафимовски кој не пропуштил ниту еднаш во изминатите 36 години да му се поклони на Рацин. За него не важи болест, отсуство, тој едноставно мора да дојде.  На споменикот кој се наоѓа  на врвот од блиската височина, имаше  букетот со свежо ендемско  цвеќе кое цути само во Галичник, а жителите од Лазарополе го берат рано наутро, тргнуваат во четири часот за да стигнат до 10. Тие пешачат пет часа низ шумски предели и не трасиран пат, за да му оддадат почит на патронот на нивната Земјоделска задруга, која била прва во Македонија а денес не постои.  Така го исполнуваат аманетот од нивните стари. 

Впечатлив е култот што кон поетот се негува во овој дел од Македонија, па и покрај времето-невреме, шумата-прашума, луѓето со искрена желба доаѓаат да му се поклонат на Рацин, и  не се штедат себеси да дојдат на врвот, од каде пука прекрасен преглед на славна Дебарца, Копачка и Западна Македонија.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »