речник контакт

Четврта година се реставрира театарот во Стоби

Театарот во Стоби е еден од најимпресивните објекти во овој град

Петар Печков

Годинава  во археолошкиот локалитет  Стоби беше реализирана четвртата сезона од проектот за конзервација и реставрација на театарот. Во првиот дел од годинава  беа изведени археолошки ископувања во централниот циркуларен коридор, како и во источниот радијален коридор. Во ископувањата пронајдени се водоводни линии со сочувани керамички цевки.

Целта на ископувањата беше документирање на нивоата од кои биле вкопани темелите на објектот, нивоата на кои се одвивала изградбата, како и нивоата на употреба и поправки. Интересно откритие под нивото на театарот беа две водоводни линии со сочувани керамички цевки. Со овие ископувања се завршени археолошките истражувања на источната половина на долниот дел  на гледалиштето и следната година тие ќе продолжат во горниот дел  на аудиториумот – изјави Силвана Блажевска директорка на НУ ,,Стоби,,.  

По завршувањето на ископувањата, во втората фаза во летото беше реставриран сводот над централниот циркуларен коридор во должина од околу 30 метри. Делот кој беше реставриран бил уништен откако театарот излегол од употреба, а камењата биле употребени на други места.  

Последна изведба, која се случи есенва  е  санацијата  на сочуваниот дел од сводот  и тоа со инјектирање, а неговата површина е зајакната со употреба на карбонско платно. Со санацијата на сводот над коридорот е отворен простор за реставрацијата на лежиштата за седишта од 12ти  до  18-ти  ред.  

Паралелно со реализацијата на проектот, НУ Стоби ја финализираше и изработката на Проектот за конзервација и реставрација на сценската зграда чија реализација би можела да отпочне следната година со конзервација на најзагрозените делови од објектот – вели Блажевска. 

Театарот во Стоби е еден од најимпресивните објекти во овој град. Се наоѓа на јужната периферија и за разлика од другите антички театри во  Македонија  изграден е на блага падина. Седиштата се поставени врз претходно изградена конструкција од радијални и циркуларни ѕидови.

Во средината на II век театарот бил комплетно изграден, со гледалиште и прекрасната сценска зграда. Неговиот репертоар го сочинувале гладијаторски и венаторски борби, мимички претстави и хорски изведби.

Публиката влегувала во објектот преку влезовите од надворешната страна кои воделе во ходниците под гледалиштето од каде се стигнувало до мермерните седишта. Седиштата биле поставени во 33 – 35 реда. На крајот од IV век театарот излегол од употреба и служел како извор за градежен материјал. Најголем дел од мермерните седишта биле употребени во новиот градски бедем како и во подоцнежните христијански базилики.

Просторот на театарот бил место каде што се исфрлала земја од градежни активности така што во VI век на површината постоело ритче на кое биле изградени куќи.  Театарот останал во заборав се до првите истражувања во периодот од 1924 до 1934 година.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »