речник контакт

Чистењето на велешката почва од тешките метали паузира

Проектот 7000 илјади рози и засадување на маслодајна репка засега мируваат

Петар Печков

Двата проекти кои ЕД Вила Зора започна да ги реализира пред две години, со крајна цел чистење на загадената велешка почва од тешките метали, се во мирување. Со реновирањето на Младинскиот парк и реконструкцијата на Градскиот парк розите кои таму беа засадени се отстранети. Ќе бидат вратени кога ќе завршат хортикултурните активности.

Надлежните од ЈКП Дервен писмено ни се обратија дали да ги отстранат розите, кои ги засадивме како дел до акцијата за чистење на велшката почва. Дадовме согласност со тоа што истите повторно ќе бидат засадени откако ќе се уредат овие два парка - вели Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора.

Пионерскиот чекор на фиторемедијација, отстранување на тешките метали од почвата со помош на кореновиот систем на растенијата беше пионерски чекор за екологијата не само во Македонија туку и во поширокото опкружување, прв пат применет на Балканот. Енормното присуство на олово и кадмиум во велешката почва е резултат на три децениското неконтролирано работење на Топилницата. По две години розите според екологистите се времено отстранети и тие немаат засега информација колку почвата таму е исчистена од олово и кадмиум. Овие цветови повторно ќе се засадат за да по неколку години се испита дали и колку нивниот коренов систем апсорбирал од тешките метали.

Стручњаците посочиле дека токму розата најдобро во македонски услови ја чисти површината. 7000 илјади рози пред две години беа засадени на јавните површини во Велес .Освен во двата парка розите беа засадени и на дворните површини од училиштата и детските градинки каде има најголема концентрација на тешки метали во почвата. Со вториот проект требаше да се чистат земјоделските површини. Но временските услови, сушата го сопреа. Беа засадени на десетина хектари површина, 80 кг семе.

За жал сушата која го зафати регионот, не дозволи проникнување на маслодајната репка која ја насадивме лани есента.  Ќе почекаме подобри временски услови, не се откажуваме од оваа наша идеја на прочистување на земјата. Или пак ќе треба да обезбедуваме дополнителни средства за  наводнување на почвата каде е засадена оваа култура – вели Коциќ.

Минатата есен велешките индивидуални земјоделци покажаа висока свест за деконтаминација на нивните обработливи површини  од оловото и кадмиумот. Интерес за садење покажаа земјоделци и  од околината на Велес –  од селата Иванковци, Караслари но и  села по течението на Вардар, Градско, Ногаевци. Оловото и кадмиумот, кои неколкукратно повеќе од вообичаените вредности  ги има во велешката почва,  стручњаците ги посочуваат како најотровни и штетни метали по здравјето на луѓето.  Тие преку синџирот  на исхраната завршуваат во човекот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »