речник контакт

Човечки фактор е причина за судирот на возовите (фото)

Во несреќата нема жртви кондуктерот се здобил со полесни повреди, причинета е материјална штета чиј износ се уште се утврдува

Петар Печков

Системите за сигнализација на пругата кај железничката станица „Рајко Жинзифов“ во близина на Велес каде што синоќа се судрија патнички и товарен воз функционирале беспрекорно и најверојатно причината е човечки фактор, рече на прес-конференција директорот на МЖ Транспорт а.д. Скопје Оливер Деркоски.

Во несреќата нема жртви   а кондуктерот се здобил со полесни повреди,   причинета е  материјална штета чиј износ се уште се утврдува.

Според Деркоски, и покрај првичните информации, не треба да се прејудицира и треба да се почека конечниот извештај од Комисијата која работи на расветлување на целиот случај,  кој се очекува да биде готов најдоцна задутре.

Несреќата, појасни директорот на МЖ Транспорт, се случила синоќа пред 18 часот на излез од станицата, при што патничкиот воз стоел, а товарниот воз поминувал низ станицата на другиот колосек. Дошло до приближување на возовите и удар од страна во вагоните, поради што дошло до извртување и исклизнување на вагоните.

- Товарниот воз се движел, а другиот воз тргнал, па застанал. Доброто во оваа ситуација е што застанал. Не можам да прејудицорам, но веројатно тој момент, тргнувањето и застанување, е причината зошто се случи настанот, рече Деркоски.

При несреќата дошло до извртување на еден товарен вагон и изместување на два, а по инерција од ударот на останатиот дел од вагоните исклизната е и локомотивата.

- Сите вагони се веќе вратени на пругата во станицата Рајко Жинзифов и моментно се подготвуваат да бидат вратени во работилницата, а локомотивата, со оглед дека има тежина од 120 тони и е потребно исклучување на контактната мрежа на високиот напон, ќе потрае малку, односно се надеваме дека во текот на денов ќе се заврши и таа работа и оти ќе биде вратена безбедно во нашите работилници, наведе директорот на МЖ Транспорт.

Од МЖ Инфраструктура најавиле дека оштетувањата што се настанати на пругата со промена на праговите и напрсната шина, ќе се заврши во текот на денов и оти сообраќајот ќе се нормализира во попладневните часови.

Кај патничкиот воз во кој во моментот на несреќата имало 150 патници нема оштетувања освен искршени стакла, а кај товарниот е оштетен вагонот во кој бил ударот и ќе се санира во работилниците на МЖ Транспорт.

Според Деркоски, несреќа со судир на возови не се случила долго време, а дневно низ станицата Рајко Жинзифов поминуваат 30 - ина воза, 20 патнички и 10 товарни.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »