речник контакт

„Кепс маунт груп“ бара нова „Б“ еколошка дозвола за да ја дислоцира депонијата со згура, екологисти се противат оти за 4 години отстранети се само 500 тони

Од „Кепс маунт груп“ објаснуваат зошто толку мало количество на згура од депонијата е остареното изминатите четири години

Петар Печков

Компанијата „Кепс маунт груп“ од Општина Велес побара нова еколошка „Б“ дозвола за дислокација на згурата, која се наоѓа на депонијата близу некогашна топилница. Иако за претходните 4 години, од октомври 2019 до септември 2023 извезоа скоро 500 тони, тие бараат нова дозвола за да продолжат да работат.   Екологисти од Велес се противат „Кепс маунт груп“ да добие нова дозвола, причина е досегашната   нивна неактивност.  

„Во последнава година   компанијата доби  и зелено светло од Министерството за Животна средина   за дробење и ситнење на троската. И покрај сето ова,  до денес се  извезени помалку од 500 тони троска. Бидејќи  проценките  на депонијата се дека има  околу 2  милиони тони отпад , значи за  4 години тие не се ни почнати со работа. Поради ова, нашиот став е дека не треба да се даде нова  дозвола. Оваа одлука произлегува од недостатокот на сериозност што  компанијата ја покажа во своите досегашни операции, иако им беа дадени  дополнителни можност“ - рече Олгица Наумоска   од ЕД Вила Зора.

Екологистите  велат дека треба да се најде посериозна  компанија која ќе ги исполни обврските. Идентично е мислењето и на ЕГ „Зелена сила“.

„Бидејќи компанијата не ги исполни ветувањата од претходниот период, основната дејност за која ја доби „Б“ интегрираната дозвола, дислокација на згурата не е реализирана, илузорно е на несериозна фирма да и се даде по втор пат да и се даде така сериозна задача, отстранување на децениското загадување. Посебно што се бараат рудник за експлоатација на минерали, како што стои во барањето“ - кажа Даниела Јовановиќ од ЕГ Зелена сила.
 
Од Концесионерот „Кепс маунт груп“  објаснуваат дека  ја следат  законската обврска за  продолжување на  „Б“ интегрираната еколошка дозвола во утврдениот рок. До Општина Велес поднеле  барање за доделување на нова , со објаснување зошто толку мало количество на згура од депонијата е остареното изминатите четири години.  

„Концесионерот по  добивањето на Дозволата започна со подготвителни  рударски активности и пријави прва извадена експлоатирана и продадена количина на суровина во 2019 година. Бидејќи, експлоатираната суровина единствено е можно да  се извезува од државата, во периодот на здравствено- економската  т.н. „Ковид криза“, извозот на суровината беше отежнат, а во голем дел и невозможен, па така Владата со Уредба ги одложи обврските на концесионерите за период до крајот на важење на кризата. И покрај ваквите услови, Концесионерот отстрани и изврши извоз на суровина. При понатамошното експлоатирање на суровината, на просторот на кој се наоѓа троската, се наиде на големи количини на шут, песок и отпад, дури и од органско потекло, а во длабочина се наиде и на големи блокови на троска кои се создале под притисокот на натрупаниот материјал. За таа цел, Министерството за економија издаде Дозвола за изведување на рударски работи според дополнителен рударски проект од 01.11.2022 година. Концесионерот водеше постапка за проширување на концесиското поле за поставување на потребната опрема за отстранување и припрема за товарање за извоз на суровината, бидејќи полето на кое беше доделена концесијата го опфаќаше само просторот (брдото) на кој се наоѓа троската. Со Анекс на Договорот за концесија од 26.06.2023 година, концесиското поле е проширено за 2 хектари “ - соопштија од „Кепс маунт груп“.

Јавната расправа за влијанието врз животната средина, како дел од постапката за добивање на „Б“ интегрирана дозвола е закажана за средината на декември.  

По основ на продадени количини на техногена минерална суровина -троска, според Министерството за економија, концесионерот за 2019 година има платено1.385  денари, за 2020 година – 5.523 денари, за 2021 година – 1.716 денари за 2022 година – 4.400 денари.

На почетокот на работата  на српската компанија 2019 година, „Кепс маунт груп“ која формира фирма во Скопје,  беше  најавено дека згурата ќе се извезува во Малезија, потоа велеа  во Турција, па  последната информација беше  се извезува за  Србија.

Депонијата има од 6 до 10 % цинк, олово од 2,2 до 3,4%, железен оксид 25%. Има и  арсен и кадмиум, кои се опасни и токсични елементи, но од инвеститорот велат  со скромно присуство  околу 0,01 отсто и не биле слободни туку врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето на жителите на Велес.

Стручњаците предупредуваа дека со секој ветер, дел од депонијата и тешките метали  се разнесуваат до Велес а нејзината близина до  Вардар ја прави опасна, од можноста да се свлече и ја прегради реката. Депонијата со згура е една од десетте црни еко-точки во Македонија.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »