речник контакт

„Креонт и Антигона“ премиерно во Велешкиот театар

Тоа е авторски проект на режисерот Дејан Ангелов

Петар Печков

Четврток вечер со почеток во 20 часот, на големата сцена „Петре Прличко“, ансамблот на Велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ премиерно ќе ја изведе претставата „Креонт и Антигона“. Тоа е авторски проект на режисерот Дејан Ангелов.

„Креонт е антипод на Антигона, но не целосен. Бидејќи и тој ја носи во себе Антигона. Неговиот конфликт не е со Антигона, туку со самиот себе. Антигона е само надворешна проекција на конфликтот внатре во него со заглушеното премудро дете. Тоа е повеќе трагедија за Креонт отолку за Антигона. Бидејќи тој што ја прави трагичната грешка e Креонт и неговиот хибрис е арогантноста спрема детето во него. Тој што треба нешто да научи или поточно да се присети е Креонт. Aко му се довериме на Јунг кој вели дека чувството е поумно од студениот разум тогаш човекот денес мора да си ја врати загубената сила на детското „незнаење” и одново да мисли со целото суштество, а не само со умот. Антигона во една реченица е драмски текст кој што најпластично ја илустрира Кантовата максима/принцип: „Ѕвезденото небо над мене, а моралниот закон во мене.” Односно, единствено оружје на човекот против бескрајот и апсурдот е моралниот закон внатре во него – или совеста – Антигона е нејзин инструмент“ - вели режисерот Ангелов.

Во создавањето на претставата се користени текстови од Жан Ануј, Софокле и други извори. Ролјите се доверени на: Самоил Стојановски – Креонт, Кристина Зафирова – Антигона, Слободанка Чичевска – Хор, Елизабета Стефановска – Исмена, Исидор Јовановски – Хемон, Фаик Мефаилоски – Стражар и Едис Дурмишевски – Дете.

Покрај режисерот Ангелов, во претставата соработувале   сценографија- Филип Коруновски, костимографија  Раде Василев, композиторот Ставре Ангелаков,  а плакатот е дизајн на Никола Пијанманов. „Креонт и Антигона“ е трета премиера на Велешкиот театар за оваа година, по „Елегија во пет здива“ и „Инферно“.

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »